
Радослав Шутевски - Шуте
Удиралки

Роден 1949 година во Куманово, Р.Македонија. Каде што завршува основно образование и нижо музичко училиште (труба). Средно музичко училиште, во класата на професорот Илија Николовски – Луј (труба), а на ФМУ, во класата на Емил Клан, се определува за ударалки. Раните седумдесети се вработува во МОБ, но е и хонорарен член во Македонската филхармонија и во Танцовиот оркестар на МРТ. Член на легендарната група „Македонија“, која ја претставува македонската култура низ светот. Во тој период ја добива највисоката музичка награда „Естраден уметник на Југославија“, а подоцна и на Македонија. Радослав Шутевски – Шуте, не само во Македонија, туку и многу пошироко е парадигма за музичар и музика во тотал, за човек создаден да креира и изведува музички дела, за виртуоз не само на удиралките, туку, буквално, на сите музички инструменти.
Во 1987 година Шутевски од познатиот диригент Милјенко Прохаска добива покана да свири во Танцовиот оркестар во Загреб при отворањето на Универзијадата , а укажана му е и честа од реномираната менаџерската куќа „Плонер “ од Австрија да членува во интернационален состав со кој низ Европа ги следи најпознатите пејачи од стариот континент.
Покрај групата „Македонија“, името на Радослав Шутевски – Шуте е неодминливо и во групите: „Глечери“, „Урагани“, „Република 903“, „Бис Без“ и „Урнебес“. Од почетокот на осумдесетите е редовен член на Танцовиот оркестар на МТВ, куќата во која останува сè до пензионирањето. Во два мандата е претседател на Естрадните уметници на Република Македонија.
Богатата музичка кариера на Шутевски, својот највисок дострел го има во групата Synthesis, чиј, всушност, е и идеен творец, оснивач, основоположник… Но, она што е бездруго уште позначајно, е неговата триесет годишна улога во групата, или, едноставно кажано, тој е врзивното ткиво на Synthesis, личноста која осмислила, конципирала, одбрала и споила музичари и вљубеници во музиката, ги одржала во ретко видено, нераскинливо заедништво, чиј резултат, неспорен за никого, е музичкото совршенство на најпознатиот етно состав во земјата – Synthesis.