
Марјан Јовановски
Тамбура и гитара

Роден 1968 година во Скопје, Р.Македонија. Основно образование завршува во училиштето „29 Ноември“ (денес „Војдан Чернодрински“), а средно во Градежниот училишен центар „Здравко Цветковски“. На Машинскиот факултет во Скопје студира машинство и и геодезија.
Свите музички почетоци како гитарист ги има во КУД „Мирка Гинова“ каде станува член на ова културно уметничко друштво, а подоцна својата љубов кон жичаните инструменти ја дисперзира и на изворната, лирска тамбура на која станува вистински виртуоз. Дружбата со тамбурата резултира со негово членување во оркестарот за народни инструменти „Миле Коларовски“.
Во Synthesis е од почетокот, од формирањето во 1994 година, а низ годините, неговата посветеност, одговорност и организациски способности дадоа голем допринос за промовирање на Македонската изворна музика на сите континенти. Како член на групата Synthesis има голем број на соработки со светски познати и признати музичари и музички групи .
Марјан, и покрај тоа што целосно е вклучен во творењето, музицирањето и концертирањето со Synthesis, активно учествува и со музицирање и концертирање со останати Македонски изворни оркестри и групи, кои се трудат да го зачуваат народниот изворен звук.
Своето знаење и искуство за музицирањето на тамбура и македонската ритмика, неизморно го пренесува на бројни работилници и семинари што се одржуваат низ светот.