
Ванчо Јовчев
Пијано, клавијатури

Роден 1973 година во Струмица, Р.Македонија. Основно музичко образование стекнува во родниот град, а средно музичко завршува во Штип. Дипломира на ФМУ во Скопје, на одделот за Музичка Теорија и Педагогија и на одделот за Хорско диригирање во класата на проф. Драган Шуплевски.
По дипломирањето, работи како наставник по музика. Во училиштата каде што работи изразено е неговото работно ангажирање како раководител-диригент на училишниот хор и мандолински оркестар. Со двата ансамбли во текот на работењето постигнува врвни резултати, со многу општински,регионални и државни награди за што добива посебно признание.
Успешно раководи и со градскиот мандолински оркестар во рамките на МКЦ-Скопје со кој остварува бројни настапи во земјата и пошироко (Австрија, Унгарија, Полска, Словенија, Хрватска, Грција).
Ване Јовчев, е опсесивно поврзан со музиката, особено фолклорот, а тоа богато и плодно поле го мами да истражува низ него, да открива и нуди нови изразни можности.
Сето тоа го доведува во Synthesis каде е од 1994 год. и каде заедно со другите членови на групата компонира, аранжира, оркестрира…, Ване Јовчев ја има задачата да ја направи синтезата меѓу изворното и современото кое го постигнува со начинот на свирење, но и со начинот на хармонизација.
Неговиот портрет би бил непотполн ако не се спомене и неговата изработка на оркестрации за симфониски и камерен оркестар, како и компонирањето на песни за детски фестивали, на новосоздадени народни песни, на забавни, кои можат да се слушнат низ фестивалските сали во земјата и пошироко.